Сејдини заминува, прифатена оставката на претседателот на ФФМ
Фудбалската федерација на Македонија денес го одржува своето Вонредно изборно генерално Собрание.
На Изборното Собрание присутните ја прифатија оставката на досегашниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини.
Во својот говор пред присутните 62 делегати, фудбалски работници, наши истакнати поранешни фудбалски имиња и гости од УЕФА и ФИФА, Муамед Сејдини упати благодарност до сите кои во изминатите години дадоа придонес за развојот на македонскиот фудбал.
„Од една страна чувствувам исклучителна гордост за сè што постигнавме заедно во овие седум години како претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Од друга страна, ова е момент за размислување, бидејќи секоја епоха има свој крај, а денес завршуваме едно поглавје кое носеше многу предизвици, но заврши со историски успеси.
Овие години ќе останат незаборавни за мене и верувам за сите кои го сакаат нашиот фудбал. Од историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, преку големата победа против Италија, успесите во Лигата на нации, па сè до инфраструктурните проекти кои трансформираа многу фудбалски терени во нашата земја. Сето ова е резултат на заедничката работа и посветеноста на сите нас.
Денес си заминувам исто така на ист начин – со благодарност и можност да ве погледнам сите во очи, споделувајќи чувство на гордост за заедничките успеси кои ќе останат долго во историјата на нашиот фудбал.
Посакувам и во иднина да имаме уште поголеми успеси и нашиот фудбал да продолжи да биде извор на гордост за сите нас. На мојот наследник му посакувам успешна работа и многу успеси на неговиот пат“.