Сејдини приведен заради проневера од 700.000 евра

Поранешниот прв човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, е приведен во рамки на акција на Министерството за внатрешни работи, реализирана во соработка со Јавното обвинителство, пренесува „Скопје1“, повикувајќи се на извори од истрагата.
Според неофицијалните сознанија, против него постои сомнение за проневера на приближно 700.000 евра, средства кои УЕФА ги доделила на ФФМ за изградба и унапредување на трибина во Охрид.
„Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба. Се уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинител, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствијата кои се во тек“, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје“.
Според првичните информации, Сејдини се сомничи за проневера на околу 700.000 евра, средства доделени од УЕФА на македонската Куќа на фудбалот за изградба на трибина во Охрид. Сомнежите биле утврдени по доаѓањето на новото раководство на федерацијата, по што случајот бил пријавен до надлежните институции.
Доскорешниот предводник на македонскиот фудбал пред неколку недели беше суспендиран на две години поради „измама и доведување во заблуда на Управниот одбор“.