Се ближи ситуација во тенисот каква не сме виделе од 2005. година
Ако Данил Медведев дојде до финалето на АТП турнирот во Ротердам идната недела, ќе ја преземе втората позиција на АТП листата од Рафаел Надал.
Тоа ќе биде прв пат уште од 2005. година во топ 2 тенисери на светот да биде некој што не е дел од големата четворка – Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер, Енди Мареј и Рафаел Надал.
Последен кој успеал да се „вметне“ во одбраното друштво беше Лејтон Хјуит на 24. јули 2005. година.
Минатата недела Медведев стана 19. различен тенисер кој во последните 16 години успеал да стигне до топ 3. Зад второпласираниот Надал заостанува само 115 бодови и со пласман во финалето во Ротердам би го прескокнал легендарниот шпанец, кој се откажа од учество на турнирот.
Ѓоковиќ и понатаму останува недопирлив на врвот.