Се повреди Палиња, Баерн неколку недели без „моторот“ во средниот ред

Баерн во следните неколку недели нема да може да смета на дефанзивниот играч за врска Жоао Палиња поради повреда на 29-годишниот фудбалер.

Гигантот од Минхен на својата официјална веб-страница потврди дека 190 сантиметри високиот Португалец се повредил додека тренирал со репрезентацијата, која во понеделникот ремизираше 1:1 со Хрватска на Пољуд во „А“ дивизијата од Лигата на нации.

Следниот натпревар Баерн ќе го има во петок против Аугсбург на „Алијанц Арена“, а следниот вторник Баварците ќе му гостуваат на Пари Сен Жермен во петтото коло од Лигата на шампионите.

Во сабота, на 30 ноември, „Дер Класикер“ со Борусија Дортмунд е на програмата на „Вестфален“, а три дена подоцна осминафиналето од Купот на Германија против Баер Леверкузен.

Палиња оваа сезона одигра 13 натпревари за Баерн во сите натпреварувања.