Се повреди Ричарлисон, го чека пауза од седум недели

Напаѓачот на Тотенхем, Ричарлисон, ќе отсуствува околу седум недели поради повредата на бутниот мускул што ја заработи за време на натпреварот од ФА купот против Астон Вила.

„За жал, Ришарлисон доби повреда на бутниот мускул што ќе го оддалечи од терените околу седум недели. Лукас Бергвал може да биде на располагање во недела, како и Ив Бисума.

Дестини Удоџи и Доминик Соланке ќе бидат во конкуренција за тимот“, изјави Франк на денешната прес-конференција.

Данецот изрази задоволство и од брзиот трансфер на Конор Галахер, кој вчера официјално беше доведен од Атлетико Мадрид за 34 милиони фунти.

„Мислам дека Конор Галахер е врвно засилување. Немам доволно пофални зборови за сопствениците што го реализираа овој трансфер толку брзо. Тој е многу квалитетен играч со големо искуство во Премиер лигата и Ла Лига. Конор е токму тоа што ни е потребно“, истакна Франк.