Се разведуваат Бастијан Швајштајгер и Ана Ивановиќ

Една од најпопуларните спортски двојки во светот, поранешната тенисерка Ана Ивановиќ и поранешниот фудбалер Бастијан Швајнштајгер одлучија да се разведат, пишува „Билд“.

Овој германски медиум се повикува на магазинот „Бунте“ и пишува дека Србинката и Германецот два месеца живеат одвоено, а сега наводно решиле да поднесат документи за развод.

Швајцајгер поголемиот дел од времето го поминува во Минхен, каде што се занимава со бизнис, а Ивановиќ решила со трите сина да се врати во родниот Белград, каде што купила стан од околу 100 метри квадратни во близина на станот на нејзините родители.

Оваа вест шокираше многумина бидејќи Ана и Бастијан важеа за хармоничен пар. Тие често доаѓаа во Србија заедно со синовите Лука, Леон и Тео. Швајнштајгер често ги следеше натпреварите на кошаркарскиот клуб Партизан од првиот ред со братот и таткото на Ана и изгледаше дека е близок со целото нејзино семејство.

„Билд“ наведува дека токму нивната љубов ги навела да веруваат дека бајките можат да бидат реални, но очигледно не било се така идилично како што се прикажува.

Ана и Бастијан стапија во брак пред девет години во Венеција, а целиот настан го проследија германските, српските и светските медиуми, бидејќи и двајцата тогаш беа успешни спортисти.

Тие двајца не се огласија во врска со овие пишувања.