Се случи сензација каква тенискиот свет не памети! (видео)
Во текот на викендот беа одиграни натпревари од Дејвис Купот, а едно од најголемите изненадувања во историјата на тенисот се случи во Буенос Аирес, на натпреварот помеѓу Аргентина и Белорусија.
Првиот натпревар во првата Светска група го играа Диего Шварцман, 15. тенисер на светот, и белорускиот јуниор Данил Остапенков. Заврши со шокантна победа од 6:4, 6:3 за Белорусинот, тенисер кој воопшто нема ранкинг на АТП листата. Коефициентот за победа на младиот тенисер беше 101, а на победа на Шварцман 1.01. Во натпреварот кој траеше час и 38 минути, Остапенков освои 11 поени повеќе, сервираше три аса повеќе и искористи шест од осум прилики за брејк. Белорусинот е 63. јуниор на светот, никогаш не освоил некој посилен јуниорски турнир, никогаш не играл на АТП турнир, а неодамна беше поразен од 804. јуниор на светот.
Аргентинците подоцна ги добија трите наредни натпревари и ја осигураа победата.