Се „тресе“ сезоната во НБА, играчите се бунат против рестрикциите
Коронавирусот во последните неколку денови силно ја погоди НБА лигата. Оваа недела беа одложени четири натпревари, а бројни кошаркари се во карантин, дали поради позитивни тестови или пак близок контакт со позитивни случаи. Затоа, НБА лигата ги надополни и прилагоди ионака бројните и детални правила за епидемиолошките протоколи, па дополнително го ограничи движењето и животот на играчите. Некои од нив, веќе гласно го изразуваат своето незадоволство. „Возрасен човек сум, ќе правам што сакам. Ако сакам да го посетам семејството, ќе одам да ги посетам. Не можат да ми наредат да седам во соба 24/7. Ако тоа е навистина така, тогаш не би смееле да играме. Никон не сака едноставно да се откаже од својот живот поради кошарката.“ – вели Џорџ Хил, кошаркарот на Оклахома. Новите правила им забрануваат на НБА играчите да примаат гости надвор од екипата во хотелските соби, не смеат да го напуштаат хотелот освен за клупски обврски, а додека се дома, не смеат да излегуваат надвор освен за суштински активности или итни случаи. „Можеме да се потиме со нив 48 минути, а потоа не смееш ниту да разговараш? Тоа нема никаква смисла.“ – вели Хил.