Сигурна победа на Струга, голови на Рочи и Компаоре три бода

Екипата на Струга Трим Лум заслужено освои три бода на гостувањето кај Македонија Ѓ.П., во натпревар од 12. коло на Првата фудбалска лига. Беа доволни головите на дебитантот Рочи и најефикасниот напаѓач во Првата лига, Компаоре, за нови три бода за Струга Трим Лум.
Првата акција им припадна на гостите, кога Буњамин Шабани проби и центрираше од лево, но Рочи не успеа да постигне гол од само два метра пред противничката мрежа. Подоцна, Јевтовски и Компаоре се заканија од далечина, но нивните обиди не го променија резултатот и топката заврши надвор од голот на Македонија Ѓ.П.
Промената на резултатот дојде во 32. минута, кога Папе Фал центрираше во шеснаесетникот, а Флоријан Рочи ја испрати топката во мрежата на Македонија Ѓ.П., постигнувајќи го својот дебитантски гол во Првата лига.
Во вториот дел, домаќините беа поорганизирани, а првиот нивни обид беше забележан кога Гереро шутираше од 18 метри, но топката заврши во рацете на голманот Ангелети.
Во 53. минута, Малески изведе соло-акција и шутираше од 18 метри, но обидот заврши неколку сантиметри покрај стативата на Јанков.
Напаѓачот на Струга Трим Лум, Малески, ѝ избега на домашната одбрана по асистенција на Компаоре, но во опасната зона беше соборен од Џелили, а судијата покажа на белата точка. Сигурен од 11 метри беше Компаоре, кој го испрати голманот во еден, а топката во другиот агол, поставувајќи го конечниот резултат 0-2.
Во 79 минута, Талаков шутираше од 13 метри, но топката заврши во рацете на голманот Ангелети.
Во 87. минута, Бојку упати силен шут од страна, но Јанков беше сигурен.
И кога сите очекуваа крај на натпреварот, судијата покажа прво на белата точка, но по интервенција на ВАР-системот, покажа само слободен удар за домашната екипа