Синго му се извини на Донарума за страотната повреда на главата
Фудбалерот на Монако, Вилфрид Синго му се извини за опасниот старт на голманот на Пари Сен Жермен, Џанлуиџи Донарума, кој се здоби со бројни исеченици и повреди на лицето за време на натпреварот од 16. коло на францускиот шампионат.
Фудбалерите на ПСЖ вчера го победија Монако на гостински терен со резултат 4:2 во натпреварот од 16. коло на францускиот шампионат, а во 17. минута Синго со копачката го удри Донарума во лицето, кој потоа мораше да биде заменет.
„Сакам искрено да му се извинам на Донарума. Мојот потег не беше намерен, но подоцна можев да видам дека се здобил со сериозна повреда. Ти посакувам брзо закрепнување“, порача Синго на социјалните мрежи.
ПСЖ по натпреварот објави дека Донарума ќе мора да паузира неколку дена, бидејќи „заработил повреди на лицето со бројни рани“. Во текот на денот ќе му бидат извршени подетални прегледи.