Синот на Роналдињо доби професионален договор во Барселона

Името Жоао Мендеш веројатно не е познато за поголемиот дел од фудбалската јавност, но ако се додаде дека станува збор за синот на Роналдињо тогаш е јасно дека овој момент привлекува внимание.

Мендеш во изминатиот период беше на проба во каталонскиот гигант, а денес Роналдињо допатува во Каталонија на церемонија во организација на „Мундо Депортиво“ и во изјава за медиумите потврди дека неговиот син потпишал договор со Барселона.

Синот на легендарниот Бразилец играше за Крузеиро, а од таму си замина откако спогодбено го раскина договорот.

Жоао е роден 2005 година, токму во периодот кога неговиот татко го играше најдобриот фудбал во дресот на Барселона. Игра на позицијата напаѓач и за почеток ќе мора да се докажува во Барса Атлетик.