Синот на Шекил О’Нил на проба во ЛА Лејкерс

Синот на Шекил О’Нил, Шариф ќе биде на проба во Лос Анџелес Лејкерс, објави на Твитер новинарот на Атлетик, Јован Буха. 22-годишниот кошаркар, кој игра на центарската позиција, веќе бил тестиран во Милвоки и ќе тренира со Кливленд, Атланта и Вашингтон.

Лос Анџелес Лејкерс немаат избор на драфтот на 23 јуни. Лејкерси можат да купат или да разменат драфт пик за да го земат О’Нил. Исто така, клубот од Лос Анџелес може да потпише со кошаркар за периодот од Летната лига и потоа да потпише договор со него доколку не биде избран на драфтот.

Минатата сезона, Шариф О’Нил играше во колеџ шампионатот за Универзитетот во Луизијана, каде што имаше просек од 2,9 поени за 9,0 минути во 14 натпревари.

Шекил О’Нил играше за Лејкерс од 1996 до 2004 година. Тој е четирикратен шампион во НБА, 15-кратен Ол-стар играч, најкорисен играч во НБА (2000), МВП на финале (2000-2002), олимписки шампион во Атланта во 1996 година и светски шампион во 1994 година со Соединетите држави.