Сите се сомневаа во него, а сега доби договор вреден 207 милиони долари
Лука Дончиќ во летото го продолжи договорот со Далас на уште пет години, во кои ќе заработи 207 милиони долари. Тоа е максимален износ кој во НБА лигата може да го добие играч со неговиот стаж.
Исто таков договор доби и младиот играч на Денвер, Мајкл Портер Џуниор, а разликата е „само“ во тоа што тој се уште не ги исполнил критериумите за бонуси, кои би го довеле договорот до тие 207 милиони.
Неговата основица е 172 милиони, а преостанатите 35 ќе ги добие ако во претстојната сезона, последна под стариот договор, биде избран на Ол-Стар натпреварот и во една од најдобрите три петорки на лигата.
Денвер веќе има максимални договори со Никола Јокиќ и Џамал Мареј, а Србинот идното лето ќе стекне право на супермакс договор, кој би требало да надмине 250 милиони долари.