Сити го продаде Марез во Ал Ахли
Алжирскиот репрезентативец Ријад Марез ги напушти редовите на европскиот шампион Манчестер Сити и кариерата ќе ја продолжи во саудискиот клуб Ал Ахли, соопшти англискиот премиерлигаш. Крилниот напаѓач дојде во Манчестер Сити во 2018 година од Лестер Сити и постигна 78 гола и даде 59 асистенции на 236 натпревари. Со „граѓаните“ освои и 11 трофеи, вклучувајќи ја и тројната круна минатата сезона – Лигата на шампионите, англискиот шампионат и ФА Купот.
„Дојдов во Сити да освојувам трофеи и да уживам во мојот фудбал и постигнав сето тоа и многу повеќе. Имав пет незаборавни години со овој фудбалски клуб, работејќи со неверојатни играчи, фантастични навивачи и најдобриот менаџер во светот“, изјави Марез на неговото збогување.
Во текот на кариерата настапуваше и за Ле Авр и Кимпер, а за алжирскиот тим забележа 83 настапи и постигна 30 голови.