Скандал во тенискиот свет: Колку чини намерно загубен гем?

Тенискиот свет моментално го тресе нов голем скандал со наместени натпревари. Според францускиот „Л’Екип“ ова е веројатно најголемиот ваков скандал во историјата на тенисот.

Властите истражуваат 375 натпревари одиграни помеѓу февруари 2014 и јуни 2018 година, во кои се вмешани 181 тенисер. Главниот човек на операцијата наводно е 32-годишниот Григор Саркисјан, познат како „Мајстор“, мафијаш поврзан со ерменската мафија.

Тој е обвинет за поткуп на тенисери и местење натпревари. Во најголем дел од натпреварите учествувале тенисери кои биле под 200. место на АТП-листата. Француските играчи Мик Лескур и Жил Окала, тенисери за кои веќе беше потврдено дека биле дел од мрежата за наместени натпревари, се суспендирани од декември. „Л’Екип“ ги објави и тарифите за поткуп. Наводно, Сите осомничени во оваа афера добивале по 400 евра за загубен гејм во поединечен натпревар, а по 2000 евра за загубен меч во два сета. Наводно, на сметките на главните луѓе на операцијата во период од две години поминале вкупно околу осум милиони евра.