Скариоло има понуда да се врати во НБА лигата
Серџо Скариоло е прв избор на раководството на Реал за тренер на екипата за идната сезона, но Италијанецот има и други понуди на маса.
Можно е да се врати во НБА лигата, но сега како главен тренер, првпат во својата професионална кариера. За него е заинтересиран Торонто Репторс кој неодамна се раздели со тренерот Ник Нурс и е во потрага по негова замена. Скариоло веќе работеше во Репторс, од 2018 до 2021 година, но како помошник на Нурс по што се врати во Европа и го презеде Виртус.
Италијански медиуми тврдат дека претседателот на Репторс, Масаи Уџири и генералниот менаџер Боби Вебстер пред неколку дена имале состанок со Скариоло во Болоња на кој му ги изнеле своите планови и понудата да го преземе тимот. Одговорот од искусниот стручњак не е познат, но тој ќе треба наскоро да ја донесе конечната одлука.
Иако има договор со Виртус на уште една година, извесно е дека Скариоло ќе го напушти клубот на крајот од оваа сезона, а ќе го наследи Андреа Тринкиери кој си оди од Баерн.