Скопје и Македонија домаќини на конвенцијата на Европската атлетика
Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со претседателот на Европската Атлетска Асоцијација, Добромир Карамаринов и со претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска-Зикова, денеска присуствуваше на прес конференцијата по повод Конвенцијата на Европската Атлетска Асоцијација која за прв пат ќе се одржи во Скопје, од 24 до 27 октомври. Во склоп на овој голем атлетски настан ќе биде и престижната манифестација „Golden Tracks Skopje 2024” – избор на најдобарите во атлетскиот спорт во Европа.
„Организацијата на оваа манифестација претставува големо признание за Македонија и значи голема промоција на македонската атлетика. Спортската дипломатија игра клучна улога во зајакнувањето на меѓународните врски и соработката, не само во спортот, туку и пошироко. Оваа Конвенција и присуството на почитуваните гости од Светската и од Европска Атлетска Асоцијација ни овозможува долгогодишна соработка и презентирање на нашата земја во овој спорт за што сум особено горд“, истакна министерот Ристовски.
На Конвенцијата на Европската Атлетска Асоцијација во Скопје ќе присуствуваат повеќе од 300 истакнати личности, претставници на 51 федерација од цела Европа, вклучувајќи претседатели на национални атлетски федерации во чии редови се наоѓаат многу познати имиња во атлетскиот спорт.
Специјален гостин на Конвенцијата во Скопје ќе биде Лорд Себастијан Коу, претседател на Светската Атлетска Асоцијација и поранешен член на британскиот парламент, носител на олимписки, светски и европски златни медали, член на бордот на Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК), а од пред една недела и официјално еден од кандидатите за нов претседател на ИОК на претстојните избори во март наредната година.