Славен шпански клуб оди во петта лига?!
Депортиво Ла Коруња на почетокот на овој век беше еден од најсилните шпански клубови, но сега му се заканува испаѓање во петтиот ранг на шпанскиот фудбал. Депортиво во 2018. година испадна од Примера, а минатата сезона заврши на 19. место во Сегунда и испадна во Сегунда Б, односно третата лига. Но, поради реорганизацијата на шпанскиот фудбал, првакот на Шпанија од 2000. година би можел да заврши во петта лига. Сегашната Сегунда Б, во која се наоѓа Депортиво, од следната сезона нема да постои. Шпанскиот сојуз воведува две нови лиги, Примера РФЕФ и Сегунда РФЕФ кои ќе бидат трета, односно четврта лига. Терсера, сегашната четврта лига, ќе биде петта и баш во неа би можел да се најде Депортиво. Депортиво во моментот се наоѓа на петтото од десет места во групата А во Сегунда Б. Првите три екипи ќе изборат пласман во Примера РФЕФ, а екипите од четврто до шесто место во Сегунда РФЕФ. Преостанатите четири екипи ќе испаднат во петта лига. Клубот од Ла Коруња е во очајна форма, не добил никого во првенството уште од крајот на ноември минатата година, постигна само седум гола на 13 натпревари, но имаат надеж дека до крајот на сезоната ќе се извлечат.