Словенецот Бијол потпиша за Лидс Јунајтед

Поранешниот фудбалер на Удинезе и словенечки репрезентативец Јака Бијол потпиша договор со повратникот во Премиер лигата, Лидс Јунајтед, до 2030 година, објави денес англискиот клуб.
Финансиските детали не се откриени, но британските медиуми наведуваат дека Лидс издвоил 22 милиони евра за овој трансфер.
Бијол (26) е член на Удинезе од 2022 година, а пред тоа играше за Хановер, ЦСКА Москва и Рудар од Велење.
Минатата сезона за клубот од Удине одигра 37 натпревари во сите натпреварувања и постигна два гола.