Слот застана во одбрана на Салах по лавината критики за Египќанецот

Мохамед Салах минува низ еден од послабите периоди од својата кариера во Ливерпул што доведе до критики за неговите настапи. И покрај тоа на „Енфилд“ нема место за загриженост.

Египќанинот не е на вообичаеното ниво, но Арне Слот стои цврсто зад својот најголем офанзивен адут и верува дека многу бргу ќе се врати во препознатливото издание. Тренерот на Ливерпул потсети дека Салах премногу пати досега ги решил двоумењата со голови.

„Не сум загрижен, затоа што не смееме да заборавиме дека Салах отсекогаш давал голови за нашиот клуб. Последното за што треба да се грижиме се неговите голови, бидејќи тоа го прави цел живот и сигурен сум дека повторно ќе почне да погодува. Играчите промашуваат шанси, и тој е човечко суштество, такви работи се случуваат“, изјави Слот.

Ливерпул неодамна беше во резултатска криза со четири порази во Премиер лигата и Лигата на шампионите. Тимот ја прекина лошата серија на вистински начин со убедлива победа од 1:5 на гостувањето кај Ајнтрахт Франкфурт што донесе потребна доза самодоверба пред новите предизвици.