Слот со грижи во одбраната, се повреди Џо Гомез

Дефанзивецот на Ливерпул, Џо Гомез, ќе биде надвор од терените на неодредено време, откако заработи повреда на тетивата во неделната победа од 5-0 над Вест Хем Јунајтед, изјави менаџерот Арне Слот.

27-годишниот англиски репрезентативец беше заменет со Џерел Куанс непосредно пред крајот на првото полувреме на стадионот во Лондон. Ова е втора голема повреда во тимот на „црвените“, по централниот бек Ибрахима Конате, а двајцата ќе го пропуштат напорниот новогодишен календар.

„Ја видовте повредата на Џо Гомез. Ако некој играч сака да излезе, да биде заменет, треба да биде заменет“, изјави Арне Слот за „Скај Спортс“.

„Кога ќе се повредите во спринт како оној што го видовте пред да побара замена, знаеме што е – тоа е тетивата. И сите знаеме дека ќе помине некое време пред да се врати. Не знам колку долго, но тој ќе биде надвор доста долго“, коментираше менаџерот на тимот.