Слот чувствува дека фановите го поддржуваат

Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, во пресрет на натпреварот со Фулам, изјави дека ја чувствува поддршката од клупските челници и од навивачите, и покрај големиот притисок поради лошите резултати во последно време.

Ливерпул ги загуби последните три натпревари, вклучувајќи го и поразот од 0:2 од Пари Сен Жермен во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите во вторник вечерта.

„Постојано повторувам, во неколку наврати реков дека чувствувам голема поддршка. Не само од сопствениците, Ричард (Хјуз) и Мајкл (Едвардс), туку колку и да звучи чудно, ја чувствувам поддршката од навивачите. Кога бевме во Париз, навивачите пееја дека го сакаат клубот. Треба да се каже дека нè надиграа, но ние отидовме кај нашите навивачи по натпреварот, тие пееја и ни аплаудираа. Постојано ја чувствувам таа поддршка“, рече Слот, објави „Скај Спорт“.

„Мислам дека клубот знае во каков период се наоѓаме. Во меѓувреме, чувствувам целосна поддршка“, додаде тој.

Ливерпул е петти во Премиер лигата со 49 бода и таа позиција би им обезбедила место во Лигата на шампионите следната сезона откако англиските клубови добија дополнително место. Ливерпул има бод повеќе од шестопласираниот Челзи, а Брентфорд и Евертон на седмото и осмото место имаат по 46 бода.

Слот беше прашан дали тимот може да обезбеди пласман меѓу првите пет и покрај тоа што нема победа во Премиер лигата од 28 февруари.