Сопствениците на Арсенал се огласија за евентуалната продажба на клубот
Навивачите на Арсенал пред неколку дена се собраа пред стадиониот „Емирати“ со што ги изразија своето незадоволство и побараа заминување на сопствениците на клубот, семејството Кренке.
Сопствениците им одговорија и објавија соопштение во кое стои дека не размислуваат за продажба на Арсенал, и покрај интересот на шведскиот милијардер, Даниел Ек.
„И понатаму во целост сме посветени на Арсенал и нема да го продадеме својот пакет акции во клубот. Не сме примиле никаква понуда, нити ќе размислуваме доколку некоја пристигне. Нашата цел е Арсенал да се натпреварува за најголемите трофеи и нашиот фокус останува на подобрување на компетитивноста на теренот, како би ја оствариле целта.“ – стои во соопштението.
Стен Кренке во 2007. година купи 9.9% од акциите на Арсенал, а до 2011. година тие се зголемија на 62.89%. Неговиот син Џош е директор на клубот и вклучен е во работата на Арсенал. Освен Арсенал, Кренке е сопственик и на НБА клубот Денвер, како и НФЛ франшизата Лос Анџелес Ремс.