Сочан нема да игра за Полска на Евробаскетот

Кошаркарскот репрезентативец на Полска, Џереми Сочан ќе го пропушти овогодинешното Европско првенство поради повреда на листот.

Иако не се смета за сериозна, повредата бара одмор и рехабилитација, што го исклучува Сочан од учеството за полската репрезентација на помалку од три недели до турнирот, објави официјалната веб-страница на Европското првенство.

„Многу ни е жал што летото на Џереми со репрезентацијата завршува толку брзо. Тој е ценет член на нашиот тим и има одличен однос со тимот“, рече селекторот на полската репрезентација Лукаш Кошарек.

Сочан е играч на Сан Антонио, а минатата сезона во Американската професионална кошаркарска лига (НБА) имаше просек од 11,4 поени, 6,5 скока и 2,4 асистенции.

Полска е еден од домаќините на овогодинешното Европско првенство, кое ќе се одржи од 27 август до 14 септември, а во групата Д ќе играат со репрезентациите на Франција, Словенија, Израел, Белгија и Исланд.