Спахиу човек на одлука, Шкендија со минималец го надигра Тиквеш

Шкендија ја оствари четвртата победа во Прва МФЛ оваа сезона, откако на домашен терен во Тетово го совлада Тиквеш со 1-0. Гостите пружија силен отпор, играа отворен фудбал и создадоа неколку шанси, но не успеаја да реализираат, за разлика од актуелниот првак.

Стојанов и Тодоров најавија дека Тиквеш нема лесно да се предаде, но голманот Гаје спречи да се затресе неговата мрежа во воведниот дел од натпреварот.

На спротивната страна, Љатифи пропушти одлична можност, но во 36. минута му подготви гол-шанса на Себастијан Спахиу, кој натрча на вториот дирек и реализираше, постигнувајќи го својот прв гол во дресот на Шкендија.

Тиквеш не се помири со резултатот и во второто полувреме. Притискаше и создаде неколку шанси преку Стојкоски, Садик и Стојанов, но реализацијата повторно беше проблем, а одличниот Гаје остана непремостлива пречка.

Бесарт Ибраими имаше можност да го зголеми водството на Шкендија десетина минути пред крајот, но неговиот удар не беше доволно прецизен.

На крајот, Шкендија славеше со 1-0, освои нови три бода, додека Тиквеш ќе мора да ја подобри реализацијата за да бележи подобри резултати.