Србија јуниорски првак на Европа во кошарка

Јуниорската репрезентација на Србија, по пет години повторно е европски шампион во својата конкуренција откако триумфираше на шампионатот што се одржа во Ниш.

Во вечерашното финале, младите српски кошаркари убедливо ја победија Шпанија со 81-71 и ја симнаа од престолот на кој беше по последните две континентални првенства, во Волос и во Измир. Србите доминираа во текот на целиот меч, но одлучи второто полувреме кое го добија со 40-31.

Убедливо најдобар играч на натпреварот беше Никола Топиќ кој постигна 24 поени и 8 асистенции и со тоа го круниса фантастичниот настап на ова првенство. Очекувано, тој беше прогласен за МВП на шампионатот, а во идеалната петорка, покрај него, се најдоа уште сонародникот Богољуб Марковиќ, Шпанците, Хуго Гонзалес и Адај Мара и германскиот репрезентативец Иван Харченков. Бронзениот медал го освои Германија која во „малото финале“ ја совлада Франција со 67-59.