Српските У15 репрезентативци вторпат подобри од македонските
Младата репрезентација на Македонија до 15 години денеска на тренинг центарот „Петар Милошевски” во Скопје, загуби со 3-1 од соодветната селекција на Србија во вториот контролен натпревар одигран помеѓу овие две селекции.
На почетокот на средбата во 4. минута Крстевски одлично проби по левата страна, биеше, но неговиот удар завшри покрај стативата. Во 26. минута, репрезентацијата на Србија преку Илиќ доаѓа до предност. Истиот играч постигна нов гол во 36. минута за предност од 2:0. Следниот напад Македонија имаше можност брзо да се врати во игра, но Стојанов пропушта голема прилика.
Во продолжението од средбата, нашите млади фудбалери преку Спироски во 51. минута го намалуваат водството на Србија. Во 55. минута Стојанов испраќа одличен удар кон противничкиот гол, но голманот на Србија одлично интервенира. Во 60. минута Матановиќ постигна погодок, со кој ги постави конечните 3-1.
Во првиот контролен натпревар одигран помеѓу овие две репрезентации, Србија забележа победа со 4-2.