Стајиќ: Добрите игри од „дома“ да ги продолжиме и на европска сцена

Експедицијата на Пелистер од денес е во Загреб, каде „зелено-белите“ утре ќе го одиграат првиот натпревар од ФИБА Европа купот, против Цедевита јуниор. Битолчани одлично ја стартуваа новата сезона со две убедливи победи во домашното првенство, како најава за почетокот на оваа европска авантура во групната фаза од едно ФИБА натпреварување.

Домашниот терен ќе биде адут на хрватскиот тим на утрешниот натпревар (19 часот, сала „Дражен Петровиќ“ во Загреб), но „пелистерци“ се решени воопшто да немаат епизодна улога и ќе сторат се за да стигат до посакуваниот резултат.

„Ни следува првиот натпревар на европската сцена, пред нас имаме екипа што е млада, физички добро подготвена, што игра агресивна кошарка на двете страни од теренот. Главна задача ќе ни биде да одговориме на таа нивна брза игра и да ја контролираме топката во нападот. Се наоѓаме во добра форма, одлично отворивме во домашното првенство и се надеваме дека така ќе продолжиме и на европската сцена“, вели Бобан Стајиќ, еден од најискусните во играчкиот кадар на КК Пелистер.

Кошаркарите на Пелистер вечерва ќе тренираат во Загреб, а утре наутро ќе имаат уште еден тренинг, овојпат во салата „Дражен Петровиќ“ каде утревечер во 19:00 часот ќе излезат на мегдан со хрватскиот претставник во ова европско натпреварување.