Стојановска и Шевченко беа дел од Регионалната тениска конференција на Кипар

Изминатиов период во организација Tennis Europe и ITF се одржа Регионална конференција на тренери во Аја Напа на Кипар. На Конференцијата присуствува и активни беа повеќе од 100 тренери од 30 држави од Европа, а македонски претставници беа Горан Шевченко, спортски дирeктор и Тања Стојановска, помошник јуниорски капитен.

Шевченко беше на покана на организаторите Tennis Europe и ITF и имаше излагања на две теми. Првата беше развојот и активностите во македонскиот тенис, во изминатиов период и активности кои следуваат, додека втората тема беше работа со тенисерки под 14 години, кои се меѓу најдобрите во својата генерација. Стојановска имаше десетминутно излагање на тема тениски фестивал.

На Конференцијата се обратија и Маркос Багдатис од Кипар и Ернест Гулбис од Летонија, двајцата тенисери кои во својата професионална кариера беа во ТОП 10. Багдатис беше финалист на Австралија Опен 2006, додека Гулбис играше во полуфиналето на Ролан Гарос 2014. Двајцата зборуваа за својот развоен пат, од почетоците, па до професионалната кариера. Конференцијата беше успешно организирана, а присутните меѓудруго разменија искуства од своите држави со цел напредок на младите тенисери во двете категории.