Стојановски: Одигравме две различни полувремиња, но имаше многу фактори кои влијаеја на тоа

Заменикот на Благоја Милевски, Роберт Стојановски, кој денеска беше на клупата на нашата селекција во Астана, на прес-конференцијата по мечот го анализираше дуелот и победата над Казахстан.

„Да, одигравме две различни полувремиња. Точно знаевме каква состојба е на нашите играчи по оној дуел со Белгија. Да, свесно во второто полувреме се повлековме и се обидовме да тактизираме, да го чуваме резултатот. Во моменти можеби и кога немавме друга опција. Не секогаш кога играме добро победуваме. Против Велс или Белгија ете игравме добро. Казахстан да одигра во вториот дел добро, но ние точно знаевме каде е силата на Казахстан и неутрализиравме. Секако дека сакаме да победиме. Македонија оди секогаш на победа. Во врска со тактиката, целта ни беше што побргу да префрлиме тежиште на противничката половина, со цел да се одмори одбраната. Мора да разберете дека ние минавме долг пат до тука, игравме со Белгија, игравме и на вештачка трева. Се се тоа фактори кои влијаеа на нашиот перформанс денеска“ – рече Стојановски.