Стојановски си даде оставка, Пелистер ќе добие трет тренер сезонава

Втора тренерска смена во битолски Пелистер сезонава, Поразот од 0-2 од Струга Трим Лум значеше оставка на Милан Стојановски. Клубот ја испочитува неговата волја и одлука и го прифати моралниот чин.
„Како шеф на стручниот штаб, ја преземам целосната одговорност за резултати во пролетниот дел од сезоната и одлучив да поднесам оставка од функцијата.
Сакам искрено да му се заблагодарам на клубот за укажаната доверба, на раководството за поддршката, на играчите за нивниот труд и залагање, како и на навивачите за нивната безрезервна поддршка во секој момент. Посебна благодарност и до градот Битола, кој секогаш стои зад својот клуб. На екипата ѝ посакувам многу среќа во продолжението од сезоната и остварување на целта – директен опстанок“, рече Стојановски.
Клубот од Битола му се заблагодари на Милан Стојановски за професионалноста и ангажманот и најави дека наскоро ќе го именува новиот тренер за остатокот на сезоната. Сезоната ја започна Капинковски, Стојановски го водеше тимот од ноември минатата година, а во последните девет кола тимот ќе го води трет стручњак.