Стојановски: Со променет пристап до славје во Битола

Кошаркарите на Пелистер во изминатите денови интензивно се подготвуваат за новиот европски предизвик – и тоа првиот меч во историјата што овој клуб ќе го игра во Битола, а за противник ќе го има словачкиот претставник Превидза (среда, 19 часот, сала „Боро Чурлевски“).
Лекцијата од поразот во првото коло во Загреб е научена, а „пелистерци“ во последните денови ставаат акцент токму на овој дуел со гостинот од Словачка, свесни дека пред се мора да се промени пристапот и залагањето во однос на оној прв меч против Цедевита јуниор.
„Прва работа што треба да ја смениме е индивидуалниот пристап, бидејќи од тоа почнува се. Мораме да покажеме желба, да се бориме и да играме за секоја топка, да бидеме колективно силни, да личиме на тим. Мораме да останеме сконцентрирани и на обврските во одбраната, да не играме секој за себе. Ако секој од нас биде на висина на задачата со индивидуалниот пристап, тоа ќе придонесе сите заедно да изгледаме многу подобро на теренот. Секако, желба на сите нас е со победа да го крунисаме овој прв европски меч во Битола“, вели Лука Стојановски во пресрет на утрешниот натпревар.
Мечот со Превидза значи и почеток на напорниот период за битолчани кои за пет дена ќе играат три меча, ако се знае дека по утрешниот дуел ги очекуваат пресметки со Маџари и со Феникс во домашнинот шампионнат.
„Физички се чувствуваме подготвени за тој предизвик, но нема да биде лесно психолошки да се издржи тој ритам, тренинг-процесот и подготовките за овие три меча за така краток период. Токму затоа и овој прв дуел со Превидза е толку важен, ако одиграме како што треба и стигнеме до посакуваната победа, тоа ќе ја крене самодовербата и ќе ни помогне уште посилни и посамоуверени да влеземе во наредните мечеви“, истакнува македонскиот репрезентативец од таборот на Пелистер.
Според него, утрешниот противник на „пелистерци“ е многу сличен на Цедевита јуниор, од кого македонскиот претставник претрпе пораз во првото коло.