Стојоски истрча норма на 400 метри за ЕП во сала во Полска
Јован Стојоски се избори за учество на Европското првенство во сала за сениори и сениорки, кое на програмата е од 5 до 7 март во Полска, откако триумфираше на Атлетскиот митинг „Црвена Звезда“, кој изминатиов викенд се одржа во Белград, соседна Србија. Стојоски прв мина низ целта на 400 метри, триумфирајќи со време 47 секунди и 57 стотинки, поправувајќи личниот рекорд. Атлетичарот на АК Охрид освојувајќи 1069 бодови според ИААФ рејтингот ја исполни нормата и ќе биде дел од континенталниот собир во Полска. Во следниов период, Стојоски, сигурно ќе го „нападне“ рекордот на Исмаил Мачев на 400 метри, стар 34 години. Стојоски на митингот во Белград заостана само осум стотинки. Покрај Стојоски, со златен медал во Белград се закити и Дарио Ивановски. Најдобриот атлетичар во Македонија победи на 3 000 метри, со време од 8 минути, 5 секунди и 98 стотинки.