Струга домаќин на Светското екипно првенство

На последниот состанок на управниот одбор на Светската Шаховска Организација (FIDE), кој се одржа на 4-ти април во Мексико, на Шаховската Федерација на Република Македонија (ШФМ) и’ беше доделена организацијата на Светското екипно првенство за сениори.

По пауза од 50 години и одржувањето на Шаховската Олимпијада во далечната 1972 година, ова е прв настан од светски рамки кој ќе се организира во нашата држава.

Во последните неколку години ШФМ успешно организираше неколку големи меѓународни европски натпреварувања, и особено не радува што овој пат и FIDE, ги препозна нашите квалитети и ни ја додели организацијата на ова значајно меѓународно натпреварување. Понудата за организација на ШФМ беше избрана како најдобра во конкуренција на четири други понуди и тоа од Италија, Малта и Тајланд.

Екипното светско првенство за сениори ќе се организира во две старосни категории, едната за играчи над 50 години и втората категорија за играчи над 65 години. Истото ќе се одржи во период од 19-ти до 29-ти септември, во хотел „Изгрев“, Струга, а се очекува да учествуваат повеќе 400 шахисти од целиот свет.

ШФМ ќе ги стави на располагање сите свои ресурси ова натпреварување да биде организирано во најдобар ред, што ќе ни овозможи и во иднина да се кандидираме за организација на големи меѓународни натпревари. Секако очекуваме поддршка од Агенцијата за Млади и Спорт, со која имаме одлична соработка која и до сега не поддржуваше во сите наши активности и проекти, како и од сите други заинтересирани љубители на шахот.