Струга Трим Лум го освои Кратови и го запоседна врвот на табелата

Струга ТЛ ги освои трите бода од гостувањето во Кратово и му го нанесе вториот пораз на Силекс во првенството. Стружани постигнаа три убави голови и дојдоа до триумфот, со што стигнаа до шестата победа во сезоната, и делба на првото место на табелата со Вардар.
Струга ТЛ имаше предност од 1-2 на полувремето, а потоа успеа да се одбрани од налетите на Силекс, и на крајот да даде уште еден гол за конечен триумф, после „ремито“ со Шкендија минатото коло.
Во осмата минита по акција на гостите од левата страна, Фал центрира до Компаоре, кој со волеј го совлада Џеков. Во 33. минута најубавиот момент на средбата. Хамза изведе слободен удар од 25-26 метри од голот на Џеков, шутираше убаво и прецизно во горниот лев агол, Џеков се обиде да интервенира, но топката заврши во неговиот гол, па Струга ТЛ го удвои водството. Домашната екипа успеа да се врати резултатски во 41. минута од средбата. Долга акција, по која Додев го проигра Мирчевски во шеснаесетникот на гостите, а потоа овој асистираше до Хрвановиќ, кој од прва со силен удар го совлада Анџелети за намалување на резултатот. Силекс имаше шанса за израмнување веднаш на стартот на вториот дел, меѓутоа ударот на Пиреш заврши само за малку крај голот. И Струга ТЛ се закани преку Компаоре, кој се обиде, но топката отиде само над голот.
Мирчевски во 67. минута имаше супер шанса за израмнување, неговиот обид со глава завршува сантиметри крај левиот дирек од голот на Струга ТЛ.
Имаше шанса Воша за 1-3, меѓутоа неговиот удар заврши само крај голот. Пиреш се најде во добра ситуација во 80. минута да израмни, шутот беше прецизен, но Анџелети се истакна со убава одбрана.
Струга ТЛ стави „печат“ на победата во првата минута од судиското надополнување. Топката стигна до Зенку, кој одкосо од десно шутираше прецизно во голот на Џеков за водство од 1-3 за дефинитивно гостите со три бода да си заминат од Кратово.