Струга Трим Лум го совлада Работнички и му ја продлабочи кризата

Струга Трим Лум го совлада Работнички на гости со 1-3 во натпревар од 14. коло во Прва МФЛ што се одигра на тренинг центарот „Петар Милошевски“. По ова, стружани остануваат во чекор со лидерот Вардар, а Работнички и понатаму е претпоследен на табелата.

Струга Трим Лум ја искористи првата шанса да дојде до предност. Во 11. минута, Стефан Јевтоски успеа да ја погоди мрежата на Работнички за 0-1.

Десет минути подоцна, убава акција на Струга ТЛ, по која Христијан Малески со силен удар од десетина метри го удвои водството на гостите.

Работнички се обиде да возврати преку Трајков, но не беше прецизен, а Ангелети го одбрани ударот на Имери од левата страна.

На полувреме се замина со два гола позитива за Струга Трим Лум.

На почетокот на вториот дел, во првата акција, Флоријан Рочи упати силен удар откосо од десната страна и го погоди дирекот, а седум минути подоцна се обиде и од слободен удар, но Васко Василев одлично одбрани.

Во 54. минута, Работнички успеа да намали. Кадриу продре по десната страна, нафрли во петерецот, а Димитар Трајков со удар со глава ја затресе мрежата на Струга Трим Лум.

Во 70. минута, по интервенција на ВАР-собата беше досуден пенал за гостите. Успешен реализатор беше Буњамин Шабани, за 1:3.

Девет минути подоцна, Меметриза Хамза го погоди дирекот со силен удар од далечина.

Во финишот и Арби Воша го погоди дирекот од голот на Работнички, а конечниот епилог остана 1:3.