Струга Трим Лум со играч повеќе до убедлив триумф над Башкими во Куманово

Нова, трета убедлива победа на Струга ТЛ над Башкими во оваа сезона во ПМФЛ, откако денеска стружани триумфираа со убедливи 0-4 на теренот на противникот. Клучниот миг околу победникот беше во 36. минута кога Башкими остана со играч помалку по исклучувањето на Хасан. Така Струга ТЛ го искористи тоа и најпрво во првиот дел поведе, а потоа во второто полувреме постигна уште три гола за да слави убедлив триумф.

А, Башкими играше одлично се до исклучувањето на Хасан. Имаше неколку добри шанси, Ангелети го спасуваше гостинскиот тим, а потоа домашниот тим не можеше со 10 играчи да му парира на противникот.

По голема грешка на одбраната, во 9. минута Алими се најде во одлична шанса, шутираше прецизно, но уште подобро одбрани Ангелети и исфрли во корнер. Претходно Алими имаше шанса во 6. минута, меѓутоа од тешка позиција на успеа да го совлада Јашар.

Нова голема шанса за Башкими, и нова одлична одбрана на Ангелети во 16. минута. Пановски доби топка по десната страна, одлично проби и влезе во шеснаесетникот, додаде до Ор, кој шутираше од 5-6 метри, но неговиот удар го одбрани голманот на гостите.

Ангелети го одбрани и обидот на Аворнијо во 29. минута од средбата.

Башкими остана со играч помалку откако Хасан доби црвен картон во 36. минута по стартот над Малески во дуел додека голгетерот на Струга ТЛ се закануваше да излезе сам пред голот на Јашар.

Струга ТЛ поведе во првата минута од судиското надополнување. Воша од десната страна центрираше до Компаоре, кој со глава го „матираше“ Јашар и донезе предност за Струга ТЛ.

Гостите од Струга доминираа во вториот дел, па една шанса имаше Малески во 74. минута кога од идеална позиција ударот му го одбрани Јашар.

Сепак, во финишот предноста од играч повеќе на теренот која ја имаа стружани дојде до израз. Башкими веќе немаше сили да се брани, а во 80. минута Компаоре доби топка на пеналтикот, и од прва шутираше во голот, Јашар одбрани, топката од пречката ја мина гол линијата и судијата Пилешков доби сигнал дека тоа е погодок за гостите.

Само две минути подоцна Малески постигна гол за 0-3 откако ја собра одбиената топка од голманот Јашар, и ја смести во мрежата. Во прв момент беше сигнализирано дека е офсајд, но потоа по прегледување на ВАР снимката, голот беше признат.

Во 86. минута и четврти гол во мрежата на Башкими. Компаоре додаде до Илиевски кој од десната страна се најде пред голот, шутираше и низ нозете на Јашар го постигнува и четвртиот погодок за гостинската екипа, што беше и конечен резултат на овој натпревар.