Суарез за заминувањето од Барселона и зошто го одбра Атлетико
Луис Суарез минатото лето беше отпишан од Барселона, а сезонава игра одлично во мадридски Атлетико, водечката екипа на шпанската лига. Суарез во Атлетико го пушти новиот тренер на Барселона, Роналд Куман недолго откако го презеде клубот од Камп Ноу. Уругвајскиот напаѓач, кој неодамна го прослави 34. роденден, во интервју за Франс Фудбал изјави дека не разбира зошто Барселона се одлучи да го ослободи. „Едно нешто најмногу ме погоди – рекоа дека сум престар и не можам да играм на највисоко ниво. Веќе не сметаа на мене, а заслужив почит. Не ја разбирам нивната одлука. Би сфатил доколку ме бркаат по три-четири сезони доколку не покажам ништо, но јас постигнував повеќе од 20 голови по сезона. Само Лионел Меси беше статистички подобар од мене. Заслужив повеќе респект и не го заслужив тоа однесување од клубот.“ – изјави Суарез. „Најтешко ми беше да заминам поради семејството. Шест години беа во Барселона, имаа пријатели, навики… меѓутоа, постои и позитивна страна – среќен сум што не сум во клуб во кој не ме сакаат. Среќна е и фамилијата поради мене и тоа е тоа што е најважно.“ – вели уругваецот. Многумина беа изненадени од неговото заминување во Атлетико. „Зошто го одбрав Атлетико? Сакав да и докажам на Барселона дека греши и дека можам да играм на највисоко ниво. Никогаш не сум се откажал, па нема ни сега.“ – вели популарниот „Пистолеро“. Суарез сезонава во Примера одигра 20 натпревари на кои постигна 16 погодоци, а со Меси е најдобар стрелец во лигата.