Суарез се кае и сака да се врати во уругвајската репрезентација

На нешто повеќе од еден месец пред почетокот на Светското првенство, најдобриот стрелец во историјата на уругвајската фудбалска репрезентација, 39-годишниот Луис Суарез изјави дека е отворен за евентуално враќање во националниот тим.

За потсетување, легендарниот напаѓач, реши да се пензинира од националниот тим, во септември 2024 година, по недоразбирањата со селекторот Марсело Биелса.

Пред повеќе од 18 месеци, Суарез го обвини Биелса дека создава раздор во тимот и дека се однесува ладно кон играчите.

„Тогаш кажав некои работи што не требаше да ги кажам. Мора да бидете способни да ги признаете своите грешки, за мене тоа сега е минато. Ако мојата земја има потреба од мене, никогаш нема да кажам не. Додека сум активен, ќе бидам достапен“, рече поранешниот напаѓач на Ливерпул, Барселона и Атлетико Мадрид, а сега на Интер Мајами.

За време на својата богата кариера, Суарез одигра 143 натпревари за репрезентацијата и постигна рекордни 69 гола. Пред 15 години, тој го освои првенството на Јужна Америка со Уругвај, а беше учесник и на четири светски првенства, па годинашното, доколку сегашниот селектор на Уругвај Биелса го врати во составот, би му било петто.

Светското првенство се игра од 11 јуни до 19 јули во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико, а Уругвај влегува во него од групата Х, каде противници ќе му бидат репрезентациите на Шпанија, Зелено’ртските острови и Саудиска Арабија.