Суперкупот е вистински тест за формата на „вечните“ ривали

Со натпреварот МЗТ Скопје Аеродром-Работнички, вечерва од 19.30 часот, и официјално ќе стартува новата сезона во македонската кошарка.

Во сезоната која е зад нас, МЗТ Скопје Аеродром ги освои двете домашни титули. „Аеродромци“ беа победници во Купот „Благоја Георгиевски Буштур“, ја освоија шампионската титула.

„Ќе биде убаво ако сезоната ја започнеме со освојување на трет пехар во серија“  вели Дарко Радуловиќ, предводникот на „сино-белите“ од клупата. „Суперкупот е натпревар кој е увертира за новата натпреварувачка сезона во кој нас нè чекаат многу натпревари. Би требало да биде релативно ревијален тип на натпревар. Имавме проблеми со повредите во целиот тек на подготовките. До последен момент не знам кои играчи ќе ги имаме на располагање за овој меч. Но имаме и добри информации за тоа како играше Работнички во периодот на подготовките. Се надевам на една спортска приредба, и на крај, да ја започнеме сезоната со победа. Ќе биде интересно, во секој случај, да видиме до каде сме во овој момент“- смета Радуловиќ.

Тони Симиќ е дел од новитетите кои во „Градски парк“ ги донесе летото. Ја доби улогата да биде шеф на стручниот штаб на нашиот најтрофеен клуб. Нималку лесна задача за него, во која првиот вистински тест е токму утрешниот натпревар против вечниот ривал од Аеродром.

„Ова е еден сосема нов проект на Работнички, каде што целосно е променет играчкиот, тренерскиот, и дел од раководниот сегмент во клубот. Направен е еден целосен ‘ребилдинг’ на сите нивоа. Ова лето го искористивме да се екипираме, да формираме играчки кадар согласно со актуелните можности. Во никој случај не беше лесно, со оглед на тоа дека правиме тим кој треба да се обиде да го претстави Работнички во најдобро светло. Сигурно е дека ни треба време да се воиграме. И мора да се биде трпелив во тој поглед“. – вели Симиќ.