Суспендирани 149 судии од Турција за нелегално обложување

Во Турција денеска беа објавени нови детали за скандалот со обложување на судии во оваа земја кој беше објавен пред неколку дена.
Дисциплинската комисија суспендираше вкупно 149 судии на период од осум до дванаесет месеци поради учество во обложување, додека против уште тројца се води посебна постапка.
Според резултатите од интерната истрага, од вкупно 571 проверен судија, дури 371 имале активни профили на страници за обложување, а 152 од нив редовно се обложувале. Меѓу нив се најдоа и 22 судии кои делеле правда во Суперлигата, седум како главни и петнаесет како помошници.
„Судењето е чесна професија и секој што ќе ја наруши нејзината чест повеќе нема да биде дел од турскиот фудбал,“ изјави претседателот на Турската фудбалска федерација, Ибрахим Хачиосманоглу.
Истрагата открила и дека десетмина од казнетите судии имале повеќе од 10.000 уплати, а уште 42 направиле најмалку илјада уплати.