Тамба единствен стрелец, Шкендија го надигра бледиот Работнички

Шкендија со минимални 1-0 го совлада Работнички во Тетово, во последниот меч од 15. коло во Првата лига. Тимот на Јетон Беќири така им се врати на победите, додека составот од „Градски парк“ продолжи со серијата негативни резултати.

Домашните поведоа уште во петтата минута. Трумчи од десно одлично уфрли во казнениот простор, каде што Фабрис Тамба со силен удар откосо ја погоди мрежата на Работнички.

Во 25. минута можеше да следи и втор гол. Бесарт Ибраими го мина голманот Васко Василев, но токму на гол-линијата навреме интервенираше Јасмин Мециновиќ и спречи сигурен погодок. Работнички имаше шанса за израмнување во 40. минута, кога Демир Имери шутираше од десната страна, но голманот Гаје беше сигурен и одбрани во корнер. Шкендија замина на пауза со минимална предност

По паузата, „црвено-црните“ значително паднаа во ритамот, што им овозможи на гостите да тргнат по гол за израмнување.Во 65. минута, Флоријан Кадриу заврши опасен контранапад со удар од работ на шеснаесетникот, но повторно Гаје беше на висина на задачата.

Потоа Имери се закани од слободен удар, но топката заврши во жив ѕид. Во 87. минута Флоријан Кадриу постигна гол, но беше поништен поради офсајд позиција на Далеј во текот на акцијата. Шкендија успеа да ја задржи минималната предност до самиот крај и да ги запише значајните три бода.