Таневски: Со Црна Гора сакаме да го отвориме новиот период со победа

Македонската репрезентација до 21 година ги очекуваат последните два натпревари од квалификациите за Европското првенство, против Црна Гора и Шведска. Дуелот со Црногорците во Битола ќе биде и официјално деби за новиот селектор Александар Таневски.

Таневски пред натпреварот истакна дека посакува позитивен резултат, но и да види карактер и дисциплина од своите избраници, како и јасна идеја за начинот на игра што треба да го гради репрезентацијата во иднина.

„Пред сè, против Црна Гора, особено бидејќи тоа ќе биде мојот прв официјален натпревар како селектор на репрезентацијата, сакаме позитивен резултат и победа. Сакам да видам карактер и дисциплина, но и начинот на кој сакаме да играме во иднина“, вели Таневски.

Последните два натпревари од овој циклус ќе бидат важни и во процесот на создавање на тимот за следните квалификации. Стручниот штаб сака да им даде шанса на помладите фудбалери и да процени кои од нив можат да одговорат на барањата на репрезентативното ниво.

„Овие натпревари се важен дел од подготовката за следниот квалификациски циклус. Сакаме да им дадеме простор на играчите кои имаат потенцијал и да видиме кои можат да одговорат на барањата на ова ниво“, додава селекторот.

Македонија претходно одигра и контролен натпревар против Русија, кој заврши со пораз од 2-3. Според Таневски, тој меч дал важни одговори за потенцијалот на играчите и можностите со кои располага репрезентацијата.

„Натпреварот со Русија ни беше добар тест. Во првото полувреме имавме три одлични шанси, игравме компактно и со добра енергија. Иако го загубивме натпреварот со 3:2, добивме важни одговори и видовме дека имаме фудбалери на кои можеме да сметаме во иднина“, истакнува Таневски.

Македонија до 21 година моментално е на петтото место во групата Е со шест бода по осум одиграни натпревари. Пред неа се Полска, Италија, Црна Гора и Шведска.