ТВ правата за Премиерлигата продадени за 5,5 милијарди евра

Англиската фудбалска Премиер лига објави дека постигна договор околу продажба на правата за телевизиски преноси од натпреварите со Скај спортс, БТ Спорт, Амазон Прајм Видео и Би-Би-Си Спорт, вреден околу 5,5 милијарди евра за период од 2022. до 2025. година.
Износот е речиси еднаков како и претходниот тригодишен договор, за 1,83 милијарди евра по сезона, и доаѓа како резултат на непосредна спогодба, а не преку јавно наддавање, за што Премиер лигата, поради пандемијата на коронавирус, доби дозвола од британската Влада.
Договорот вреден 5,5 милијарди евра ја остави Премиер лигата на водечкото место според заработката од телевизиските права, пред француската Прва лига, со приход од 1.172 милијарди евра (за периодот 2020 – 2024), германската Бундеслига (1.16 милијарди евра, 2017-2021), шпанската Ла Лига (1.14 милијарди евра 2019-2022) и италијанската Серија А со заработка од 973 милиони евра по сезона за периодот од 2019-2021 година.