Тен Хаг: Незадоволен сум, ова е вистинско разочарување
Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг изјави дека е многу разочаран од првиот натпревар на тимот во Премиер лигата под негово водство. Сепак, Холанѓанецот истакна дека е целосно свесен дека ќе треба време за работите да се случат онака како што тој сака.
Тен Хаг го коментираше и вклучувањето на Кристијано Роналдо, кој остана на клупата за резерви на стартот на мечот со Брајтон, загубен од „црвените ѓаволи“ со 1:2.
„Тоа дефинитивно беше неуспех. Вистинско разочарување, но мора да се справиме со тоа. Од самиот почеток знаев дека нема да биде лесно. Тоа е процес и бара време, но немаме време, мора да победуваме. Требаше да се справиме подобро. Веќе ги анализирав головите што ги примивме. Беше сосема непотребно толку лесно да се даде топката во овие две ситуации. Големи грешки во организацијата. Треба да извлечеме поука. Не сум среќен, воопшто не сум среќен бидејќи загубивме и тоа беше сосема непотребно. Реакција имаше во вториот дел. Дејствувавме тимски, се боревме. Создадовме и шанси“, вели Тен Хаг.