Тен Хаг пред промоција во Леверкузен

Ерик тен Хаг е сè поблиску до враќање на тренерската сцена – холандскиот стратег, кој од октомври е без ангажман по отказот од Манчестер Јунајтед, е во напредни преговори со Баер Леверкузен, јавуваат британските медиуми.

Иако имал неколку понуди по заминувањето од „Олд Трафорд“, 55-годишниот тренер решил да направи пауза до лето. Извор близок до него за BBC потврдил дека Тен Хаг планира камбек во јули и внимателно ја избира следната дестинација.

Заминувањето на Ќаби Алонсо на крајот на сезоната (со големи шанси да седне на клупата на Реал Мадрид) отвори простор во Леверкузен, а Тен Хаг е водечки кандидат за да го наследи.

Холанѓанецот не е странец во германскиот фудбал – од 2013 година работеше во вториот тим на Баерн Минхен. Во Англија мина две сезони како предводник на Јунајтед, со кого освои ФА Куп, Лига Куп и заврши трет во Премиер лигата во сезоната 2022/23.