Тен Хаг претставен во Манчестер: Едвај чекам да се фатам за работа

Ерик тен Хаг ја одржа првата прес-конференција како менаџер на Манчестер Јунајтед.

Во неa, Холанѓанецот зборуваше за мотивите за прифаќање на овој предизвик, потенцијалот на играчите кои моментално се во составот, а конкретно за улогата на големата ѕвезда Кристијано Роналдо и капитенот Хари Мегваер.

Поранешниот тренер на Ајакс вчера го гледаше поразот на Кристал Палас во последното коло во Премиер лигата, а од денеска и официјално почнува да ги извршува своите обврски.

Клубот потврди дека негови помошници ќе бидат Мичел ван дер Хаг и Стив Мекларен.

„Денес сум многу среќен што ве запознав и што сум овде. Бев пречекан многу топло од сите во клубот. Едвај чекам да се фатам за работа. Ова е веќе мојот дом и сакам да успеам овде. Имам добро чувство поради луѓето околу мене и средбите што ги имав со нив. Имаме план и целта е да го оствариме. Дали ни требаат нови играчи? Сè уште сум во процес на анализа. Сакам да работам со овие играчи. Минатата сезона овој тим заврши на второто место во Премиер лигата, па потенцијалот е огромен“, истакна тој.