Тепачка меѓу Чуамени и Валверде, Реал Мадрид во целосен хаос

Тензиите што цела сезона се тлеат во соблекувалната на Реал Мадрид дојдоа до фаза на пукање пред пред „Ел Класико“. Реал, в недела, ќе гостува во Барселона.
Еден ден по инцидентот меѓу Федерико Валверде и Орелијан Чуамени во тренинг центарот Валдебебас, денес се случил уште еден, многу посериозен.
„Марка“ пишува дека Чуамени го удрил капитенот, кој завршил во болница поради посекотина на лицето.
Наводно, сè започнало претпладнево, кога уругвајскиот играч од средниот ред одбил да се ракува со својот соиграч, што отворено покажало колку е трајно нарушен односот меѓу нив.
Тензијата продолжила да расте за време на тренингот, а по завршувањето следела жестока расправија, а потоа и физичка пресметка меѓу Уругвајецот и Французинот.
Ситуацијата била толку сериозна што другите играчи морале да реагираат за да спречат понатамошна ескалација. За време на инцидентот, Валверде добил силен удар, пишува „Марка“, па тренерот Алваро Арбелоа го испратил да побара медицинска помош во болницата.
Извори блиски до тимот тврдат дека ова не е изолиран случај, туку јасен показател за сериозно нарушени односи во соблекувалната во многу деликатен дел од сезоната. Во Реал владее еден вид „немоќ“, откако помладата генерација почна да се бори за влијание и моќ по заминувањето на големите фудбалери од сцената, почнувајќи од Серхио Рамос, Карим Бензема, Касземиро, Начо, Тони Крос и, конечно, Лука Модриќ.
Со заминувањето на Карло Анчелоти, се појави вистинска анархија, што предизвика Чаби Алонсо да се повлече од клубот.
Поради сериозноста на целата ситуација, раководството на клубот реагираше речиси веднаш. Само неколку минути по инцидентот, во соблекувалната бил одржан итен состанок, на кој присуствувал и генералниот менаџер на Реал, Хозе Анхел Санчез.
Ниту еден играч не го напушти тренинг центарот, а состанокот бил организиран со цел да се смират тензиите и да се спречи понатамошно продлабочување на конфликтите во тимот.
Според информациите од Мадрид, ситуацијата во клубот во моментов е исклучително напната. Нервозната атмосфера, поделбите меѓу играчите и впечатокот дека решение сè уште не е на повидок предизвикуваат сериозна загриженост во врвот на Реал Мадрид, додека клубот се обидува да најде начин да ја врати стабилноста и единството во тимот.