Тиквеш и Ренова обезбедија место во Прва МФЛ за сезоната 2021/22
Екипите на Ренова и Тиквеш обезбедија место во Прва МФЛ за натпреварувачка сезона 2021/22 откако на бараж натпревари славеа против Охрид, односно Силекс.
Ренова по подобро изведување пенали славеше против Охрид на тренинг центарот „Петар Милошевски“, додека на Националната арена „Тодор Проески“, Тиквеш го совлада Силекс со 1:0.
Едиз Спахиу во 54. минута го постигна решавачкиот погодок за голема радост на составот од Кавадарци. Тиквеш после 17 години се враќа во најдобрата наша фудбалска конкуренција.
На тренинг центарот „Петар Милошевски“, Охрид водеше со 1:0 и 2:1 против Ренова, но тимот од Џепчиште се избори за пенали откако погоди за израмнување на 2:2 во 89. минута.
По пенал серијата, Ренова успеа да го зачува прволигашкиот статус за следната сезона. Фудбалерите на Охрид водеа со 2:0 во пенал серијата, но ги промашија последните три обиди за гол од линијата од 11. метри.