Тимошчук ја истера правдата и си ги врати освоените титули

Поранешниот украински фудбалер, а сега тренер Анатолиј Тимошчук е еден од најнепопуларните ликови во својата татковина од почетокот на воениот конфликт меѓу Украина и Русија.

Од една едноставна причина, тој остана во Зенит од Санкт Петербург, каде работи како помошник тренер.

Критиките против него се практично секојдневни, а можеби најдалеку отиде поранешниот фудбалер Олександар Алиев.

„Ти си руско куче. Се продаде за пари. Запомни дека твоите родители живеат овде. Ти си идиот и си мртов за нас. Запомни го тоа засекогаш“, му порача Алиев во една прилика на Тимошчук.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски го стави Тимошчук на „списокот на предавници“. Тој стана еден од 34-те украински спортисти на кои им беа одземени сите државни награди и титули.

Но, за разлика од повеќето кои не реагираа на овој потег на државниот врв, Тимошчук поднесе жалба до Судот за спортска арбитража во Лозана. И го доби спорот.

Судот за спортска арбитража ја прифати жалбата на Тимошчук и со тоа ги поништи одлуките на Фудбалската федерација на Украина и претседателот на Украина, со кои на Тимошчук му беа одземени титулите.

Тимошчук во својата кариера настапуваше за Волин Луцк, Шахтјор Доњецк, Зенит, Баерн, потоа повторно Зенит и на крајот за Каират. За репрезентацијата на Украина одигра 144 натпревари. Во Зенит како помошен тренер работи од 2017 година.